
Родена е во 1957 година во Москва. Таа е позната руска македонистка и преведувачка, поетеса, сликарка, популаризатор на македонската култура во Русија. Дипломирала на Московскиот државен универзитет „Ломоносов” (1975-1980). Била на подолго стажирање во МАНУ. Дипломската теза ја подготвила со менторство на акад. Блаже Конески. Била главен уредник и преведувач во Државниот комитет на Русија за радио-телевизија, преведувач во Амбасадата на Република Македонија во Руската Федерација, а во 2007-2011 предава македонски јазик на Меѓународниот словенски институт и на Академијата за словенски култури во Москва. Ја води рубриката за Македонија во литературно-уметничкото списание „Меценат и свет” што се издава во Москва. Има над 100 објавени трудови. Олга Панкина е автор на преводите на над 60 книги од македонски писатели, како и на преводите на творби (поетски, прозни, драмски, критичко-есеистички. Автор е на поетските збирки: „Предзимје” (2013), „Паралелни светови” (2015), „Плисок” (2018) и други.
КОГА ГРАНИЦИ
Еднаш ќерка ми се врати од школа
и, како да се случило нешто страшно,
уште од прагот ми рече: Те молам,
дај, помогни ми, имам домашно.
На училиште учителката ми рече
дека ќе земеме нова тема:
“За границите на земјава“ и – уште вечер –
ќе треба за тоа да се спремам.
А потоа со другарчето од класот
– јас ќе цртам а тоа ќе обојува –
ќе го повлечеме тој сплет од линии што јасно
Македонија од другите ја одвојува.
Очигледно се замислив а ќерката виде
и ме праша одново со надеж:
Мислам дека тоа нема тешко да ти биде
и дека упатства барем ќе ми дадеш?
А јас: Одговорот може да е лесен
но истовремено има и своја темна страница –
оваа земја на патиштата е пресек
и со целата Вселена има допир и граница.
На нејзините меѓи не им се гледа крајот
и може да се случи да се измешаат леко:
тие понекогаш биле граници на рајот
а понекогаш граници на самиот пекол.
Таа се протегала по долината земна
и низ сончевина но и низ мрачина без свеќа
и честопати се граничела со болката темна
а многу поретко – со среќа.
А ќерка ми: Не сфаќам што тоа значи
и твојата приказна ми е по малку темна.
Речи ми на некој поедноставен начин
со кого граничи оваа земја.
– Па, ако зборуваме научно, тогаш
заклучокот секако ќе звучи лудо:
таа најверојатно граничи со Бога
а сосема сигурно граничи со чудо.
(Препев од руски: В. Урошевиќ)