Тихомир Јанчовски – поет, професор, преведувач и колумнист. Роден e нa 24 август 1967, во Скопје. Основно и гимназија завршил во родниот град, војска служел во Постојна, Словенија (1986). Дипломирал општа и компаративна книжевност на УКИМ (1991), специјализирал средновековни студии во Унгарија (1996), магистрирал современа историја (2008). Живеел во родниот град, во Брисел, на островот Скијатос, малку во Амстердам, повеќе во Лондон и Будимпешта, и пак во Скопје. Најмногу во Скопје. Бил трипати на Света Гора, четирипати во Солт Лејк Сити. Работел како физикалец, собар, тревокосач, разнесувач на весници, работник во фабрика за сокови, продавач на тезга (Ковент Гарден), келнер, чувар на плажа, шанкер, новинар, музичар, колумнист, преведувач и професор по литература и светска историја. Објавил единаесет книги поезија, два романи и една книга колумни.

ЧЕТИРИ ГОДИШНИ ВРЕМИЊА

Животот е еден
Времето е тоа 
И мигот што е пропуштен
Не може да се надомести

Каењето за грешките
Не ги поправа нив
Туку смислата му е тие
Да не се повторат и потретат
Како дете се чудев
Чуму карањето и казните
Кога стореното не може да се промени
Сега ми е јасно
Ама на новите деца не им е
Така и треба да биде

Се плашиме од смртта
А најдобриот човек на светот
Живеел 103 години
Да ја заслужи

Кога ќе помислев на неа,
На смртта, порано
Ми идеа солзи
И сега исто, дури и повеќе
Ама тогаш од страв и самосожалување
А сега од убавина и умиление

Утринскиот човек 
Секоја ноќ умира
Оти не ја љуби зимата и сонувањето
Во нив, животот не се живее
Туку за него се мечтае и раскажува
И тоа има своја убавина

Белината и снегот покриваат сѐ
Не дека не
И есента е убава, може и нај
Тие бои што ни будат нежност
Топлина и жал којашто облагородува
Летото е сила што блика и не престанува
Младоста на секое постоење

Ама пролет си е пролет…
Да се разбереме