
Христо Петрески (4.2.1957, Крушево) е новинар, писател, доктор по дидактички и методички науки и доцент на Универзитетот за аудио-визуелни уметности ЕСРА – Скопје. Бил новинар и уредник во редакциите на: “Студентски збор”, “Млад борец”, Радио Скопје и”Нова Македонија”. Од 1982 година е основач и директор на Издавачката куќа “Феникс” –Скопје и Фондацијата за научна и културна афирмација и презентација “Македонија презент” – Скопје. Член е на Друштвото написателите на Македонија од 1985 година. Еден е од основачите на списанието “Стожер” и манифестацијата “Празник на липите” при Друштвото на писателите на Македонија. Сега е главен и одговорен уредник на списанијата “Тренд” и “Книжевна Академија”. Почесен член е на Друштвото на писателите на Србија од 2012 година. Бил колумнист во весниците “Нова Македонија”, “Дневник”, “Време” и “Утрински весник”, а сега е колумнист во весникот “Ден”. Бил дописник и член на редакциите на весниците и списанијата: “Младост”, “Нове омладинске новине” и “Идеје” (Белград), “Глас омладине” (Нови Сад), “Вјесник” и “Кворум” (Загреб), “Ослободување” (Сараево) и други. Автор е на 20 поетски книги и добитник на бројни книжевни награди.
ЗДРАВИЦА
На Гане Тодоровски
Да сме здрави како што не сме
Да сме поздрави и од здравецот
Да сме здрави повеќе од што сме
Да сме попотребни и од лебецот
Да биде здраво се живо, и право и криво
Да е здрав и вековит стисокот на раката што (се) поздравува
Да биде светло и бело, да нема црно ниту сиво
Да е зборот речовит, а тегавецот лековит раната што ја заздравува
Да биде тоа што никогаш нема да биде
Па ридови да прескокнеме и езера да препливаме
Да биде сал тоа што треба и мора да биде
Како јагниња да спиеме а не како волци да завиваме
Пред олтарот, свеќата и Господ молебденот тајно што се изговара
Благословот и клетвата од мајката и таткото никогаш да не се заборава!