Јовица Ивановски е роден во Скопје, 1961 година. Автор е на шеснаесет книги поезија и неколку избори на македонски и англиски јазик. Застапен е во повеќе антологии и препеан на петнаесетина јазици. Добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, на Струшките Вечери на Поезијата за книгата „Човек“ (2019). Сè уште живее и работи во Скопје.


КОЈ НЕ ЗНАЕ?

Знаеја што ги чека,

но си тераа живеење.

Играа табланет и умуваа.

Се однесуваа небаре

староста им дозволува да си

припишуваат туѓи мудрости.

Играа и табла – шеш-беш, дубеш.

Се коцкаа за уште една победа

(над денот, месецот, годината…).

Некои се фалеа, други негодуваа.

Некои се смееја и кога губеа.

Коцките се одбиваа од

рабовите на таблата.

Некои добиваа, некои

            не трпеа пораз.

Сите се победници и сите ќе изгубат.