Константин Северин (Constantin Severin) е романски посател и визуелен уметник, основач на Архетипскиот експресионизам и негов поборник, високо ценето глобално уметничко движење, кој тој го основал во Буковина во 2001 год. Дипломирал на Универзитетот во Ајова на меѓународната програма за креативно пишување, а има објавено 10 книги поезија, есеи и фикција. Негови дела се објавувани во: World Literature Today, Artdaily, Trafika Europe, the Poet, It’s Liquid, Levure Litterature, Empireuma, Contemporaneul, Vatra и многу други меѓународни уметнички и книжевни списанија. http://constantinseverin.ro/


ЏЕБНИОТ ЧАСОВНИК

Те сретнав кога светот беше огромна соба за реанимација

и анксиозноста и очајот нѐ поврзуваа за иста боца со кислород

неколку книги и позлатен џебен часовник

даден на подарок од дедо ми по мајка кога завршив средно училиште


ние бевме две треперливи големи стрелки –  стрелки кои ги означуваат минутите

синхронизирани од Ерос


мислевме дека универзумот е џебен часовник на Бог

и небото свод од велур сошиени заедно

а нашите близначки лица трескавично се бараа едно со друго

удирачките и вртливите порои на Карпатите


ние бевме две треперливи минутни стрелки

синхронизирани од Ерос


но наместо со лица универзумот беше полн со маски

бакнежите беа зачадени дупки во нивната дебела ткаенина

пријателите умираа насекаде и беа фрлани

во црни пластични кеси

закопани без круни како маченици во првите векови од цивилизацијата


ние бевме две треперливи минутни стрелки

синхронизирани од Ерос


да ја напуштиме страста од секаков вид и секоја илузија ни беше кажано

но ние тврдоглаво зборувавме со ангелите

рецитиравме стари молитви исредновековни песни за да не чуваат од демоните

со врели чела заглавени во златни ореоли


ние бевме две треперливи минутни стрелки

синхронизирани од Ерос


те сретнав кога светот беше кула

погодена од молња

со напуштени огледала во кои

неумрените легнуваа да спијат

и успеавме некако страдањето да го претвориме во љубов

кога се погледнавме еден во друг Божјиот часовник

престана  да чука


ние бевме две треперливи минутни стрелки

синхронизирани од Ерос


Препев од англиски на македонски: Даниела Андоновска-Трајковска
Translation from English  into Macedonian: Daniela Andonovska Trajkovska

x