Џао Лијонг (Zhao Lihong, Шангај 1952 год.) е поет, прозаист и калиграф, член на Националниот комитет на Друштвото на писатели на Кина, потпретседател на Шангајското друштво на писатели и почесен претседател на Шангајската издавачка куќа за лиутература. Дипломирал на кинеска книжевност и работи како професор по модерна литература и креативно пишување. Има добиено значајни книжевни награди како на пример Златен клуч во Смедерево 2013 и поетската награда Михаил Еминеску во 2019. Автор е на повеќе од 90 книги поезија, проза, новели и репортажи, а преведен е на повеќе јазици.

ЛЕТАЊЕ
 
Безброј пати сум летал
во различни ситуации
носејќи различни емоции
Крилјата растеа од моето срце
кога и да посакаа
Понекогаш пердувите растеа густо
друг пат, беа тенки, како хартија
 
Летав како орел
над снежни врвови и тундри
земјата се одвиткуваше под мене
Летав како галеб
над бранови што се тркалаат
плимата ми ја стресе душата, мојата млада душа
Летав како врапче
слетувајќи на стреи со прстени од чад од камин
за да уживам во човечката топлина
Летав како пчела
во потрага по расцутена падина
вкусувајќи ги медните мириси на природата
Имам летано и како мува
кружејќи околу рѓосаниот кафез
високо над пареата од нечистотија
 
Бескрилните можат се уште да летаат
да летаат како облаците
за да го бакнуваат секое замислено место и нешто
да летаат како чадот
кој игра валцер
не можејќи да слета на земјата

 
 
Препев од англиски на македонски: Даниела Андоновска-Трајковска
Translation from English  into Macedonian: Daniela Andonovska Trajkovska