Клаудија Пичино е италијанска поетеса, објавена во над 100 антологии, а била и член на жири комисии за доделување значајни национални и интернационални книжевни награди. Пичино е национален раководител за Европа за Светскиот фестивал на поезијата (World Festival Poetry), ја промовира истанбулската култура во Италија како амбасадор на асоцијацијата „Ист Санат Арт“ (Ist Sanat Art Association). Има објавено 34 книги поезија меѓу кои има нејзини авторски книги, но и преводи на италијански јазик на познати поетски имиња ширум светот. Добитник е на многу награди за својата работа. Уредник е на меѓународните книжевни списанија „Papirus“ (Турција) и „Atunis“, но и на италијанското списание „Gazzetta di Istanbul“ коешто се печати во Истанбул. Добитник на Интернационалната награда за поезија „Ацо Караманов“ 2021.


ОТВОР ОД СВЕТЛИНА ВО КАТЕДРАЛАТА

Има отвори во катедралата
кои ги калемат пупките на светлината
на гранките мрачни и испреплетени.
Има насмевки
кои ги заплискуваат изгаснатите срца
и ги отсликуваат добиените брчки.
Има луѓе
кои здивот ти го крадат
за да се најадат
на самотничка гозба
и да ги закопаат коските,
рибјите коски, перјата и крлушките,
уништувајќи ги остатоците
за да не сведочат
за злоделото.
Мракот демне од заседа,
брчката ме изненадува,
канибалот се крие во жртвата.
Ќе бидам отвор на светлината,
лифтинг на своите брчки,
грабливка на својот канибал.


Препев од српски: Борче Панов

 НЕСИГУРНА ВИСТИНА

Тишината пoтресена од липањето
на машината за садови која како ноќна птица
се натпреварува со темнината наизменично
се поздравува за збогум.
Ние сме во неизвесност од уредби
од кои се возбудуваме верувајќи во добар исход
од оваа изолација.
Вклучени во е-трговија
не правиме разлика меѓу тоа што е корисно
и тоа што ни прави задоволство.
Медуза е екранот
кој ја скаменува насмевката
комбинирајќи ги пикселите
за да ги мистифицира митовите
на слатките слики.
Го немаме веќе мирисот на прегратката
ги злоупотребуваме беспотребните зборови
за да надоместиме за близината
што носи несигурни вистини.


Препев од англиски на македонски: Даниела Андоновска-Трајковска
Translation from English  into Macedonian: Daniela Andonovska Trajkovska