Раед Анис Ал-Јиши (Raed Anis Al-JISHI) (поет, преведувач од Катиф, Саудиска Арабија) е дописен соработник на Универзитетот во Ајова, САД (Iowa university-USA), член на одборот за планирање на наставата за образование на наставници на националниот Шангајски универзитет за образование – Тајван. Има преведено 6 книги, а објавено една новела, 9 поетски книги на арапски јазик од кои последната е преведена на француски, и две книги објавени на англиски. „Bleeding Gull: Look, Feel, Fly“ е преведена и на српски, виетнамски и италијански (во Италија има добиено повеќе награди за најдобро преведена книга). Неговата поезија е преведена и објавена на многу светски јазици. Добитник е на интернационалната награда за поезија „Ацо Караманов“ (2020).


ЗАБОРАВАЊЕ
 
Додека си во пештерата,
ќе ја заборавиш ли тежината на здивот на планините?
Ќе ги заборавиш ли изморените чекори
на времињата кои ги газеле трњето во тревата?
Додека камчињата од менуетот паѓаат од нив со врисокот на конвенциите,
ќе ги заборавиш ли бумбарите лепешкари
кои живеат во засмрдената вода
и кои завиткуваат подароци за своите женки
во своите топки со кои ја прават почвата плодна?
 
Женката што ја заборави
не беше жена,
туку чист отпадок од одложено резбање
и култура на една желба која созреава.
 
Кога ќе се сетиш,
запиши го тоа што си го сознал
за тоа што останува од ветерот.
Од мирисот на бумбарот собери ги феромоните од мошус,
а потоа припитоми ги и повикај ги.
Тие ќе ти се приближат во вид на свесност.
 
Помеѓу мошусот и дефекацијата
има сексуална желба
слично како кога копнееш по чоколадо додека читаш.
 
Твојата желба е против непристрасноста.
Кога ќе се сетиш, речи: О, добар инсекту,
твојот нос е висок и мудар.
А тие лепливи инсекти
кои ја јадат твојата трева по завршувањето на напорниот ден имаат забиен нос
или кукаст нос како внатрешна агенда.
 
Речи: О, добар инсекту,
твојата милионита баба беше удрена
од шофершајбната на еден автомобил
во сопственост на една бубачка зависна од Танго
и не обрнуваше внимание на твојата вечна тага.
 
Кога ќе се сетиш,
не паѓај надолу
по белите дробови на хаосот,
туку дај  ѝ ја на резонанцата
нејзината слобода да биде слободна
од ѓубрето и отпадоците и длабоката фатална будност,
 
бидејќи на оваа пештера
не ѝ е гајле за вечноста на планината
ниту за нејзината способност да коегзистира
со шипката која се воодушевува од стриптиз.
 
Препев од англиски на македонски: Даниела Андоновска-Трајковска
Translation from English  into Macedonian: Daniela Andonovska Trajkovska